Стефан Гајдов
Стефан Гајдов | ||
Роден | 8 јуни 1905 Велес, Косовски вилает, Османлиска Империја | |
---|---|---|
Починал | 17 јули 1992 Охрид, Македонија | (возр. 87)|
Почивалиште | Скопје | |
Националност | Македонец | |
Занимање | Композитор | |
Деца | Љубомир Гајдов |
Стефан Гајдов (Велес, 8 јуни 1905 - Охрид, 17 јули 1992), бил композитор, диригент и педагог, од првата генерација македонски музички композитори.
Живот
[уреди | уреди извор]Пораснал во скромно занаетчиско семејство во кое мајка му, Евгенија, познатата песнопојка, го создавала благопријатниот амбиент во кој неговата природна дарба се среќавала со творечките изблици на народниот музички гениј, а татко му му’ овозможувал да се сретне со звукот на повеќе народни инструменти. Оттаму не зачудува фактот што од најрана младост покажал љубов кон музиката преточена преку неговиот интерес за хорското пеење и народните инструменти. Од сите нив, – најмногу го привлекувала мандолината на која набрзо и научил да свири. Првите познавања за музиката ги добил уште на деветгодишна возраст од музичарот Илија Настов, кај кого се запишува во Велешката гимназија. Набрзо Настов заминува во Учителската школа во Скопје, а водењето на хорот и оркестарот му го препушта на најмузикалниот ученик – Стефан Гајдов. Знаењата ги надградил во Велешката гимназија кај познатиот професор и раководител на хорови Стеван Шијачки. Токму тој му овозможил совладување на основната музичка писменост. Во 1922 година со неколку млади вљубеници во музиката, меѓу кои и Живко Фирфов, го формирале оркестарот што го нарекле „Гром“. Набрзо оркестарот престанал да работи, а Гајдов преминал во КУД „Горски“ каде што ги подучувал членовите до август 1926 година. Меѓу членовите на друштвото бил и Кочо Рацин. Следниот чекор во неговото музичко образование било решението, поттикнато и од фактот што веќе не можел да обезбеди средства за елементарна егзистенција, да замине во Белград и станува прв Македонец што го завршува наставно-теорискиот оддел при Музичката школа. Во тие три години колку што трае школувањето негови професори се Јосип Славенски, Коста Манојловиќ, Милое Милоевиќ, Миховил Логар. Сеќавајќи се на ова време самиот Гајдов велел:
„… Доктор Милое Милоевиќ, кој ми предаваше хармонија, контрапункт и историја, и кај кого учев три години композиција, беше просто гениј, – од култура од кого човек имаше што да чуе и што да научи… Даница Крстиќ ми беше професор по пијано и сите се чудеа кога јас по три години учење (претходно свирев само аматерски) за дипломски испит ја изведов сонатата „Апасионата“ од Бетовен… Така добив и диплома за наставнотеориска работа…“.[1]
Уште за време на школувањето во Белград се чувствува неговиот творечки афинитет кон хорската музика. Неговите творби создадени во ова време веднаш биле прифатени, особено од напредната македонска и општојугословенска младина, а во нив се потцртува конкретното постоење на специфичниот македонски национален и културен бит. По завршувањето, се вратил во Велес и станува професор на Велешката гимназија. Само една година подоцна, во 1930 година – го формира хорот „Јека се Вардара“ на чиј репертоар става многу македонски, меѓу кои и свои композиции. Револтот што го предизвикал кај тогашните власти придонело тој да биде преместен во Хрватска (јануари 1932), во градот Вуковар. Како што вели самиот, таму поминал „десет прекрасни години во мир и спокојство“. Во фабриката „Бата“ со големи почести бил повикан да го води хорот, со кој подоцна ја прославил фабриката и се прославил и себеси. Со тие стотина хористи, главно чиновници и работници во хорот „Радиша“ изведувал дел од потешкиот хорски репертоар, на многу концерти во поширокиот регион. Во 1940 година со тој хор победил на смотрите на десетината такви хорови (од Белград, Загреб, Љубљана, Нови Сад) од тогашна предвоена Југославија. „Вуковарскиот“ период е особено значаен во творештвото на Стефан Гајдов. Од печат излегле повеќе дела за мешан, детски, женски хор и композиции за глас и пијано во чија основа се наоѓала македонската народна песна. Најдобра оценка за Гајдов, и како диригент и како творец во ова време дал познатиот критичар Дреновац:
„… веднаш го искажуваме своето воодушевување кон диригентот и кон неговиот хор, истакнувајќи ја неговата дарба, кој успеа од детските, релативно неизградени гласови, да создаде една мелодиски совршена целина… Творештвото на Стефан Гајдов е во раниот период, а тој веќе има стил на компонирање. Инспириран од мотивите на македонските народни песни, на композициите им дава чувства, топлина, ги исполнува со дух на многу непосреден начин, со сочна ритмика што отвора можности нашата публика да ги почувствува убавината и нежноста на тие чудесни мелодии. Композициите на Гајдов, покрај одличната формална градба и мелодиска разработка, пленат со својата топлина и музичка инвенција. Творештвото на Стефан Гајдов се заснова врз богатиот талент што живее во него … Неговите диригентски гестови се осмислени, отсечни и во себе содржат самоувереност што го обзема хорскиот ансамбл…“.[2]
Во овој релативно долг цитат, всушност на најсублимиран начин се дадени одликите, не само на дотогашниот, туку и на идниот творечки опус на Гајдов и неговата диригентска вештина. По ослободувањето Стефан Гајдов својата активност ја продолжил во Македонија, работејќи и раководејќи повеќе институции и развивајќи плодна педагошка дејност. Освен на хорска музика, тој бил автор и на неколку инструментални дела, меѓу кои и на првиот македонски гудачки квартет (1934) и „Фантазијата за флејта и оркестар“ (1968). Оформувач е и долгогодишен раководител на Хорот на Македонската радио-телевизија, со кој остварил фасцинантен број настапи и студиски снимки, главно пропагирајќи го хорското творештво на македонските композитори.
Творештво
[уреди | уреди извор]Оркестарско
[уреди | уреди извор]- Кончертино – за гудачки оркестар, (1966);
- Фантазија – за флејта и оркестар, (1968);
- Фантазија – за флејта и симфониски оркестар, (1968);
Хорско
[уреди | уреди извор]- „Ајде слушај Анѓо“ Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо – за мешан хор, (1927);
- „Петлите пејат“ – за мешан хор, (1928);
- „Момиче мало ѓаволо“ – за мешан хор, (1928);
- „Тодоре љубе“ – за мешан хор, (1928);
- „Милкано моме“ – за мешан хор, (1934);
- „Собрале ми се..“ – за мешан хор, (1934);
- „Не оди моме крај река“ – за мешан хор, (1934);
- „Ти Сенче“ – за мешан хор, (1934);
- „Мери Томчо“ – за мешан хор, (1935);
- „Ајде Каљо“ – за мешан хор, (1935);
- „Се запали одајчето“ – за машки хор, (1936);
- „Дренка ми се..“ – за машки хор, (1936);
- „Пиле лета по море“ – за мешан хор, (1936);
- „Засвирил Димчо запеал“ – за мешан хор, (1936);
- „Поминав в село“ – за мешан хор, (1936);
- „Јана иди“ – за мешан хор, (1936);
- „Мојата мајка седи и мисли“ – за мешан хор, (1938);
- „Бог да бие невестата“ – за мешан хор, (1938);
- „Овчар по брег оди“ – за мешан хор, (1939);
- „Ожени ме мила мамо“ – за мешан хор, (1939);
- „Садила Тимка“ – за машки хор, (1940);
- „Овчар по брег оди“ – за машки хор, (1940);
- „Не ми карајте ќерето“ – за мешан хор, (1940);
- „Ела си сине у селото“ – за мешан хор, (1940);
- „Ејди Недо“ – за мешан хор, (1940);
- „Леле Јано“ – за мешан хор, (1940);
- „Млад Илија иде“ – за мешан хор, (1940);
- „Играле ергени“ – за мешан хор, (1940);
- „Девојче не стои спрема мене“ – за мешан хор, (1940);
- „Девојченце, црно ле око“ – за мешан хор, (1940);
- „Што ми е мило ем драго“ – за женски хор, (1941);
- „Велешки сватови“ – за женски хор, (1941);
- „Ах тиха вечер“ – за женски хор, (1941);
- „Од сон сладок“ – за женски хор, (1941);
- „Гора и јунак“ – за женски хор, (1941);
- „Румба, румба се собрале“ – за женски хор, (1942);
- „Копачите“ – за мешан хор, (1946);
- „За Титов план“ – за мешан хор, (1948);
- „Паѓај, паѓај“ – за мешан хор, (1957);
- „Марш на 1 Македонска бригада“ – за мешан хор, (1961);
- „Песна за Скопје“ – за мешан хор, (1967);
- „Малино моме“ – за мешан хор, (1968);
- „Бучат ми силни ветрови“ – за мешан хор, (1968);
- „Од сон сладок“ – за мешан хор, (1969);
- „Мома седи“ – за мешан хор, (1969);
- „Накачив горе“ – за мешан хор, (1969);
- „Деј гиди Стојно Попова“ – за мешан хор, (1969);
- „Севдалино моме“ – за мешан хор, (1969);
- „Мома седи“ – за мешан хор, (1969);
- „Приспивна“ – за мешан хор, (1970);
- „Садила Тимка босилок“ – за мешан хор, (1971);
- „Болен ми лежал Ѓуро“ – за мешан хор, (1971);
- „Синоќа си пројдов“ – за мешан хор, (1971);
- „Море садило моме“ – за мешан хор, (1971);
- „Андон иде од чаршија“ – за мешан хор, (1971);
- „Јунак врви“ – за мешан хор, (1971);
- „Огрејала месечина“ – за мешан хор, (1971);
- „Изгори мерак“ – за машки хор, (1973);
- „Елегија 2“ – за мешан хор, (1973);
- „Братство-единство“ – за мешан хор, (1974);
- „Слобода“ – за мешан хор, (1975);
- „Ајде слушај Анѓо“ – за мешан хор и тенор, (1976);
- „Зададе се“ – за женски хор, (1977);
- „Бучат ми силни ветрови“ – за мешан хор, (1985);
- „Малино моме“ – за мешан хор, (1986);
- „Се колнеме“ – за мешан хор, (1986);
Камерно
[уреди | уреди извор]- Фуга 2, (1929);
- Канон 1, (1929);
- Канон 2, (1929);
- Корал 1, (1929);
- Корал 2, (1929);
- Гудачки квартет, (1934);
- Композиција – за инструментален септет (1947);
- Скерцо – за флејта и пијано (1950);
- Оро – за флејта, кларинет, гудачки квинтет и дајре (1962);
Вокално-инструментално
[уреди | уреди извор]- Песна, – за баритон, пијано и гудачки квинтет, (1932);
- Песна за Буридан, – за глас, обоа, кларинет и гудачи, (1958);
- Мори моме, – за глас, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1962);
- Давај ме мила мамо, – за глас, флејта, кларинет, гудачки квинтет и дајре, (1962);
- На гости ти дојдов, – за глас, флејта, кларинет, гудачки квинтет и дајре, (1962);
- Дека се чуло, – за глас, флејта, кларинет, гудачки квинтет и дајре, (1962);
- До три ми пушки.., – за алт, бас, баритон и оркестар, (1965);
- Оздола идат сејмени, – за баритон и оркестар, (1965);
- Таму долу, – за глас и камерен оркестар, (1966);
- Нагости ти дојдов, – за тенор и камерен оркестар, (1966);
- Мори моме, – за глас и оркестар, (1971);
- Што ми е мило, – за глас, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
- Бог да бие, – за глас, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
- Шти ми е мило, – за глас, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
- Синото цвеќе цветаше, – за гласови, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
- Што ти текна, – за гласови, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
- Радиофонска етида, – за детски гласови, машки глас и дувачки квинтет, (1971);
- Малино моме, – за соло и група гласови, флејта, кларинет и гудачки квинтет, (1971);
Песни за деца
[уреди | уреди извор]- „Сона“, (1949);
- „Цвет“, (1949);
- „Дени и кајчето“, (1969);
- „Цицири, вицири“, (1969);
- „Распродажба“, (1969);
- „Пролетни капки“, (1970);
- „Така пее детската градинка“, (1970);
- „Снешко сака да се вози“, (1970);
Солистичко
[уреди | уреди извор]- Валцер – за пијано, (1926);
- Валцер (2 верзија) – за пијано, (1927);
- „Што ми е мило ем драго“ – за пијано, (1928);
- Валцер – за пијано, (1928);
- Двогласна инвенција 1 – за пијано, (1928);
- Двогласна инвенција 2 – за пијано, (1928);
- Двогласна инвенција 3, – за пијано, (1928);
- Фуга 1 – за пијано, (1929);
- „Месец“ – за пијано, (1929);
- Токата ин Ес – за пијано, (1968);
Соло песни
[уреди | уреди извор]- „Ејди Недо“ – за тенор и пијано, (1935);
- „На гости ти дојдов Като“ – за глас и пијано, (1936);
- „Дека се чуло“ – за глас и пијано, (1936);
- „Моја родна земјо“ – за два гласа и пијано, (1956);
- „Песна на трудот“ – за глас и пијано, (1959);
- „Пеперуга“ – за глас и пијано, (1964);
- „Си застанал ластовиче“ – за глас и пијано, (1967);
- „Сонатина“ – за глас и пијано, (1968);
- „Сонатина“ – за глас и пијано, (1968);
- „Врапчова молба“ – за глас и пијано, (1968);
- „Фросина“ – за глас и пијано, (1968);
Музика за филм
[уреди | уреди извор]- Музика за документарниот филм „Азот“, (1953);
- Сценска музика „Лудориите на ветерот“, (1954);
- Музика за куклената претстава „Шеќерно дете“, (1955);
Учебници
[уреди | уреди извор]- Нотно пеење за трето одделение, (1952);
- Солфеж за Учителските школи, (1952 (1960));
- Нотно пеење за четврто одделение, (1953 (1957));
- Нотно пеење за шесто одделение, (1953 (1962));
- Нотно пеење за петто одделение, (1954 (1958));
- Нотно пеење за седмо одделение, (1956 (1973));
- Нотно пеење за први клас Учителска школа, (1957 (1962));
- Нотно пеење за осмо одделение, (1957 (1972));
- Нотно пеење за втори клас Учителска школа, (1959 (1962));
- Музичко воспитување за седмо одделение, (1974 (1982));
- Музичко воспитување за осмо одделение, (1974 (1982));
Публицистика
[уреди | уреди извор]- Дискусија по исполнувањето на народните песни, преку Радио Скопје.[3]
- Каква програма имаше по музичко воспитување[4]
- Кој е виновен : наставната програма или составувачите?[5]
- Полемика по повод објавениот текст од Ѓ. Смокварски: Дали и колку е виновна наставата по музичко воспитување?[6]
- „Каква програма имаше по музичко воспитување“.[7]
- „Кој е виновен: наставната програма или составувачите?“.[8]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Траги во времето“, Радио Скопје, 1985
- ↑ „Слободно слово“, 7 март 1936
- ↑ Културен живот, Скопје 7 април 1950, бр.7, стр. 4
- ↑ Просветен работник, Полемика со Ѓорѓи Смокварски, Скопје 14/15 декември 1968 година, бр. 301, стр. 7
- ↑ Просветен работник, Отворена трибина, Скопје, 16, 15 и 30 септември 1969 година, стр. 315, стр. 7
- ↑ Просветен работник, Скопје, 15 јануари 1969 година
- ↑ Просветен работник, 1968
- ↑ Просветен работник, 1969