Прејди на содржината

Синајски Полуостров

Координати: 29°30′N 33°50′E / 29.500° СГШ; 33.833° ИГД / 29.500; 33.833
Од Википедија — слободната енциклопедија
Физичка карта на Синајскиот Полуостров

Синајски Полуостров или Синај (арапски: سيناء; египетски арапски: سينا, Сина) — триаголен полуостров во Египет со површина од околу 60.000 км2. Сместен е помеѓу Средоземното Море на север и Црвеното Море на југ, служејќи како копнен мост помеѓу Азија и Африка. Најголемиот дел од полуостровот припаѓа на две области на Египет (уште три се протегаат низ подрачјето на Суецкиот Канал) и има население од околу 1.400.000 жители. Покрај тоа, Египќаните го нарекуваат и „земја на тиркизот“ (أرض الفيروز, Ард ул-Фејруз). Меѓу старите Египќани бил познат како Мафкат или „земја на зелените руди“.[1]

За разлика од Левантот (денес во Сирија, Либан, Јордан, Израел, Јудеја и Самарија (Западниот Брег) и Појасот Газа), кој низ историјата бил предмет на судири помеѓу Египет и државите од Месопотамија (Вавилонија, Асирија, Митани) и Мала Азија (Хетитското царство), Синајскиот Полуостров бил постојан дел од Египет уште од првата династија (~3100 г. п.н.е.), па сè до XX век. Како и остатокот од Египет, полуостровот потпаѓал под власта на странските сили како што се Отоманското Царство и Велика Британија (1882-1956). Синај е подоцна окупиран од Израел за време на Суецката криза (во Египет наречена „Тројна агресија“ поради усогласените напади на Британија, Франција и Израел) во 1956 г., како и во Шестдневната војна од 1967 г. На 6 октомври 1973 г. Египет ја започнал Јомпкипурската војна за да си го поврати полуостровот, во што успеал по многубројни жестоки борби. По Египетско-израелската војна од 1973 г. и Израелско-египетскиот мировен договор од 1979 г., во 1982 г. Израел конечно се повлекол од последното упориште на Синајскиот Полуостров. Денес Синај е туристичко одредиште поради природните знаменитости, богатите корални гребени и библиската историја. Синајската Гора пак, е едно од најважните места во аврамските религии.

Манастирот „Св. Катерина“ — најстариот функционален христијански манастир во светот

Управните области Северен Синај и Јужен Синај опфаќаат околу 60.000 км2 и имаат население од 597.000 жители (2013). Доколку се вклучи Западен Синај, односно деловите од областите Порт Саид, Исмаилија и Суец што се протегаат источно од Суецкиот Канал, тогаш населението достигнува 1.400.000 жители.

Се смета дека името Синај води потекло или од древниот месечев бог Син[2] или од хебрејскиот збор Сене (סֶ֫נֶּה)[3] Полуостровот го добил името поради претпоставката дека планината близу манастирот „Св. Катерина“ е библиската Синајска Гора, иако ова поимување е спорно.

Значаен дел од населението во пустинските краишта на полуостровот е бедуинско, со живописни народни носии и животна култура, застапено во Синај уште од доселувањето на племето Бени Сулејман XIV век.[4] Источниот брег на Синај ги двои Арапската и Африканската Плоча.[5]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. "Étude de la turquoise : de ses traitements et imitations" Архивирано на 15 декември 2013 г., Claire Salanne, Université de Nantes, 2009.
  2. „Sinai Peninsula (peninsula, Egypt) - Britannica Online Encyclopedia“. Britannica.com. Посетено на 14 January 2012.
  3. „Sinai, Mount“. JewishEncyclopedia.com. Посетено на 14 January 2012.
  4. Leonard, William R. and Michael H. Crawford, The Human Biology of Pastoral Populations, Cambridge University Press, 2002, p. 67 ISBN 978-0521780162
  5. Homberg, Catherine and Martina Bachmann, Evolution of the Levant Margin and Western Arabia Platform Since the Mesozoic, The Geological Society of London, 2010, p 65 ISBN 978-1862393066

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

29°30′N 33°50′E / 29.500° СГШ; 33.833° ИГД / 29.500; 33.833