Прејди на содржината

Кирил Михајловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Михајловски
Роден 1916
Виница
Починал 20 мај 1991
Белград

Кирил Михајловски – Груица (Виница, 1916Белград, 20 мај 1991) — македонски комунист, учесник во НОВ, генерал-мајор. Во 1953 година бил прогласен за народен херој. Носител е и на Партизанска споменица 1941.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Кирил Михајловски е роден во 1916 година во Виница. Неговите родители биле просветни работници, односно учители. Поради преместување на неговите родители, семејството се преселило во Лесковац, каде Кирил учел гимназија. За време на неговото школување, тој дошол во допир со револуционерите од Лесковац: Коста Стаменковиќ, Војо Ѓорѓевиќ, Благоја Николиќ и Коста Томиќ,[1] со кои тајно ги читале книгите од Маркс, Енгелс и Ленин. За време на Шпанската граѓанска војна, Михајловски учествувал во собирање на материјална помош и испраќање на доброволци.[2]

По изборите во декември 1938 година, Кирил Михајловски го напуштил Лесковац, и како учител во 1939 година заминал на Шар Планина, во селото Врбичане. Таму добил покана за одслужување на воениот рок, и морал да се врати во Лесковац, од каде бил испратен во Марибор.[3] Член бил на СКОЈ од 1938, а на КПЈ од 1941 година. По отслужувањето на воениот рок, Михајловски се вратил во Лесковац, но во април 1941 година, заминал кај сестра му во селото Велика Шатра, каде се запознал со Дринка Павловиќ, која по војната била прогласена за народен херој.[3]

Учество во НОБ

[уреди | уреди извор]

Тој бил учесник во НОВ од 1941 година. Во јуни 1941 година по директива на Партијата Михајловски заминал за Прокупље, каде учествувал во организирање на Топличкиот партизански одред. Се борел во партизанските единици во Србија, како командант на Јатребачкиот баталјон, политички комесар на ударниот баталјон на Првата јужноморавска бригада, и политички комесар на бригадата.

Штабот на Третата македонска ударна бригада. Од лево кон десно: Златко Билјановски, Тихомир Милошевски, Кирил Михајловски и Боро Милески

При крајот на 1943 и во 1944 година, Кирил Михајловски се нашол во Македонија, каде ја вршел должноста началник на Оперативниот штаб на црнотравските, македонските и косовските единици при чистењето на Козјак, Руен, Широка Планина и Карадак. На 26 февруари 1944 година бил поставен за политички комесар на Третата македонска бригада, а во јули истата година за политички комесар на Четвртата македонска бригада. Потоа бил командант на Педесеттата дивизија, а нешто подоцна и на Педесет и првата дивизија, и командант на Штипската воена област. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ.

По ослободувањето

[уреди | уреди извор]

По војната заземал високи раководни функции во ЈНА.[4] Бил еден од генералите на ЈНА кој директно работел и го организирал носењето на моштите на Гоце Делчев во Скопје [5] , според желбата на Делчев „да почива во главниот град на идната независна македонска држава“.

За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.

  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 242
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 243
  3. 3,0 3,1 „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 244
  4. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 974 стр.
  5. Калински, Златко (7.11.2022). „Извадок од интервју со син на Михајловски“. Youtube. Посетено на 9.11.2022. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)