Прејди на содржината

Доротеј (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Доротеј“роман на српскиот писател Добрило Ненадиќ, првобитно објавен во 1977 година, како заедничко издание на издавачките куќи „Рад“, „Народна књига“ и „БИГЗ“.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот не е формално поделен на делови и глави, туку дејствието го раскажуваат ликовите што се присутни во книгата, и тоа: монасите Макарије, Димитрије, Прохор, Матија, Артемије, Никанор, Андрија и Василије, како и жителите од кулата: Јелена, Кирча, Дадара, Богдан и Пипац.

Дејствието на романот се одвива во средниот век, во местото Вратимље, во Србија. Еден ден, во тамошниот манастир пристигнува младиот и убав монах Доротеј, испратен од владиката со задача да го лекува игуменот Мајкарије, кој веќе подолго време е болен. Доротеј има големо знаење за лековитите билки и успева да го излечи игуменот. Набргу, низ целиот крај се проширува гласот дека тој е чудотворец и во манастирот доаѓаат многу болни кои тој ги лекува. Истовремено, месниот владетел Лауш е ранет, а Доротеј успева да го излечи и него. Лауш има млада и убава жена, Јелена, но јавна тајна е дека тој е импотентен, така што тие немаат деца. Во манастирот се наоѓа и стариот монах Прохор, кој е завидлив и копнее по слава, па затоа го мрази Доротеј. Прохор постојано изведува разни маченички обреди, а најпосле си дава задача во текот на седум дена да лежи на трње во еден гроб. Но, и покрај тој потфат, народот ја осудува неговата постапка и не му укажува почит. Прохор не може повеќе да го издржи тоа и извршува самоубиство, обесувајќи се над гробот. Таа година настапува остра зима, проследена со големи пролетни полави, поради кои монасите остануваат затворени во манастирот, каде повеќето се разболуваат, а некои и умираат. Поради тоа, Лауш наредува тие да бидат пренесени во неговата кула, каде посебна нега му се укажува на Доротеј при што за него се грижи лично Јелена.[2]

Лауш со војската заминува во војна, а монасите остануваат во кулата за чија заштита е назначен заповедникот Дадара, познат заводник на жените. Монасите се навикнуваат на удобниот живот и се преправаат дека и понатаму се болни, така што го одложуваат враќањето во манастирот. Јелена се заљубува во Доротеј и времето го минува во неговата соба, но меѓу нив нема никакви лични контакти. Сепак, меѓу жителите на кулата се шират гласовите за нивната наводна љубовна врска. По смртта на Прохор, монахот Димитрије често размислува за мотивите за неговата постапка, преиспитувајќи ја својата вера. Кога закрепнува, Доротеј често излегува од кулата за да собира лековито билје. Во тоа време, кулата ја опсадува познатиот разбојник Брзан, поранешен богомил, кој веќе две децении ги ограбува благородниците и богатите. Доротеј ја напушта кулата и започнува да им помага на разбојниците, лечејќи ги нивните рани, поради што од жителите на кулата е прогласен за предавник, а Дадара се обидува и да го убие. Наспроти големите жртви, разбојниците ја продолжуваат опсадата на кулата, а поради влошената состојба, игуменот Макарије ги ослободува монасите, дозволувајќи им да вршат световни работи. Тогаш, младиот монах Матија е фатен во полов однос со младата вдовица Анка.[3]

Најпосле, во кулата се враќа Лауш со војниците и тогаш разбојниците се потполно совладани, но Брзан успева да избега. Доротеј го враќаат врзан во кулата и го затвораат во подрумот, заедно со Матија. Поради неговата соработка со разбојниците, целиот народ се свртува против Доротеј. Додека Матија е затворен во подрумот, Анка набрзина ја мажат за еден војник, со цел да се прикрие срамот на свештенството. Една ноќ, во присуство на Лауш, заповедниците и монасите се одржува тајно судење на Доротеј во чија одбрана застануваат само Димитрије и игуменот Макарије. Најпосле, одлучено е монасите да се вратат во манастирот и тие да му пресудат на Доротеј. Монахот Никанор, кој има амбиција да стане нов игумен и кој го мрази Доротеј, заминува во една пештера за да се моли, а за време на неговото отсуство, игуменот се преправа дека е болен. За тоа време, Матија и Доротеј се затворени во очекување на судењето. Никанор се враќа во манастирот со приказна дека во пештерата му се покажал ангел. Користејќи ја болеста на игуменот, Никанор го спроведува судењето на Доротеј и Матија при што тие двајца, заедно со монахот Димитрије се избркани од манастирот.[4]

Тројцата избркани монаси одлучуваат да заминат во местото Сабориште за кое кружат гласови дека таму се собираат самовили, вампири и други страшни суштества. Таму, тие издлабуваат простории за живеење во карпите, ловат и произведуваат глинени производи за сопствена употреба. Во меѓувреме, во кулата нема доволно храна и Лауш го испраќа Дадара да донесе помош од соседните места. Наспроти големиот студ и снег, Дадара со тешка мака успева да ја изврши задачата и да ја донесе неопходната храна, со што стекнува голема слава меѓу месното население, засенувајќи го господарот Лауш. По кавгата со игуменот, монахот Никанор пак се враќа во пештерата, а оттаму двајац селани го враќаат во манастирот речиси во бесознание и набргу тој умира. Зимата, Матија среќава брачен пар со болно дете и ги засолнува во пештерското живеалиште, каде Доротеј успева да го излечи детето. Гласот за исцелителната моќ ан Доротеј повторно се шири наоколу и пролетта многу луѓе доаѓаат во Сабориште во потрага по лек. Димитрије наплаќа за услугите на Доротеј и така тројцата поранешни монаси стекнуваат голем имот. Постепено, освен болните, во Сабориште се доселуваат секакви луѓе — сиромашни, отпадници, пропаднати, забавувачи, скитници, измамници, крадци итн. За тие настани дознава игуменот Макарије, кој сака да ги врати во манастирот, а од друга страна, Дадара сака да ги избрка доселениците во Сабориште, но Лауш го спречува во тоа. Еден ден, Димитрије ја здогледува Јелена крај Морава и го известува Доротеј. Набргу, Доротеј и Јелена почнуваат да се среќаваат крај реката при што шест дена само разговараат, а седмиот ден, додека се наоѓаат во љубовна прегратка, нив ги убива Дадара, кој во меѓувреме ги забележал нивните средби. Таа глетка ја набљудуваат и Димитрије и Матија, кои ги закопуваат двајцата љубовници крај реката, заедно со копјето со кое се убиени. По убиството, Дадара бега од Вратимље, а Димитрије и Матија заминуваат некаде на југ.[5]

За делото

[уреди | уреди извор]

Покрај признанието од книжевната критика, романот ја освоил и пошироката публика, освојувајќи ја наградата за најчитаната книга во 1978 година во библиотеките на СР Србија. Во 1981 година, врз основа на овој роман е снимен истоимениот филм.[1]

Романот има повеќеслојна структура која го прави комбинација на љубовен и историски роман. Настаните во него се одвиваат во три амбиенти: манастирот, кулата и Сабориште, а нив ги обединува главниот лик, Доротеј кој е прикажен само низ раскажувањето на другите ликови во книгата. Овие три амбиенти имаат повеќекратна улога во романот: од почетното, рутинско кадрирање (цртање на просторот во кој се одвивааат настаните), преку обединувањето на одделните делови на повеста и нивното драмско спротивставување, до изведувањето пошироки, симболични значења. На тој начин, делото стекнува правилна, потполно изградена архитектоника со внатрешна сила која ги следи законите на растот, кулминацијата и решението. Авторот постепено ја гради психологијата на главните јунаци користејќи испрекинати внатрешни монолози во однос на кои времето и просторот стануваат само декор и споредна рамка. На средината меѓу двата амбиента, манастирот и кулата, стојат ликовите на Доротеј и Јалена, која е еден од најинтересните женски ликови во српската современа проза. Враќањето на монасите во манастирот и судењето на Доротеј само привидно ја заокружуваат повеста, зашто тоа само го раѓа вистинскиот расплет кој претставува уште една повест вообличена во кратка, но заокружена и силна драмска целина. Третиот амбиент, Сабориште, ја отсликува колизијата меѓу слободољубието и човечноста на тројцата прогонети монаси и просечноста на околината. Во тој амбиент, прогонетите монаси се ослободуваат од сопствената отуѓеност и ја освојуваат елементарната слобода на човечноста и правото на слободата како љубов и како творечки чин. Таму, Доротеј се приближува до своето животно исполнување кое на крајот не го остварува, зашто Доротеј е лик кој, всушност, не може да се овистини. Доротеј не може да постои во светот на телесното и конкретното бидејќи тој не е животот и постоењето, туку само можност за постоење.[6]

Во романот речиси не постои лик кој не минува низ сложениот процес на беспоштедно испитување на сопственото битие (Прохор, Макарије, Артемије, Богдан, Дадара). Како што ликот на Доротеј се гради со неговото отсуство и со неговото не-постоење во визијата на другите ликови, така и целиот роман е насочен кон определен метафизички врв, а тоа е часот на Доротејовото овистинување низ исчезнувањето. Техничката постапка и симболичното значење на романот се во складна поврзаност: во првиот дел од романот се склопува мозаикот на внатрешните светови на сите ликови, а ликот на Доротеј само се допира (со што класичната наративна постака е избегната и инвентивно заменета), додека втората половина на романот претставува соочување на сите ликови со Доротеј. Притоа, Доротеј не постои како самостоен лик, но тој е присутен во сите други ликови, т.е. тој постои како творечки и движечки принцип кој подоцна се претвора во принцип на постоењето, задржувајќи ја неутралноста со тоа што им дозволува на човечките судбини самостојно да го најдат својот расплет. Зашто, Доротеј исчезнува без да го доживее најчовечкото остварување, љубовта, токму за да го остави светот во најприродното и најреално егзистирање, препуштен сам на себе. Притоа, во судбината на книжевните ликови нема дефинитивни решенија, туку само се наслутуваат само отворени можности, т.е. нови далечни и неосвоени простори. Во тој поглед, Сабориште се јавува како просторот во кој може, барем привремено, низ допирот на човекот и природата, човечкото стои како можна алтернатива и опозиција на тесноградоста, затвореноста и отуѓувањето.[7]

Надвор од рамката што ја нудат историскиот и љубовниот роман, „Доротеј“ раскажува уште една приказна за соочувањето на реалното, омеѓено постоење со наслутените нови простори до кои водат сложените патишта на самооткривањето на релацијата меѓу личното и вонличното, поединечното и општото. Тоа што овој метафизички проблем во романот не мора да се открие, но може да се препознае, зборува за книжевното умеење на авторот кој гради повеќеслојна структура околу привидно едноставната и плитка приказна. Во оваа метафизичка рамнина, авторот успева распонот меѓу реалното и парадигматското да го ослободи од секаква неубедливост, што сведочи за зрелоста и силата на писателот кој гради возбудлива и нова повест за искушенијата и за ширењето на хуманоста, засилена со убедливо психолошко мотивирање со широка фреска на човечки драми со вонвременска и универзална смисла. Ова метафизичко значење Ненадиќ успеал успешно да го смести во рамката на историски и љубовен роман, зашто писателот водел сметка и за единството на дејствието кое цврсто ги поврзува книжевниот универзум и јазикот што го искажува. Во таа смисла, повеста за љубовта и повеста за едно далечно време ја преземаат функцијата на контекстот кој овозможува прифаќање на уште една јазична надградба. Писателот многу вешто ја води приказната, овозможувајќи таа да се прими како еднострана или повеќеслојна творба, во зависност од луцидноста на читателот. Јазикот на книгата е едноставен, чист и свеж, што го прави да биде истовремено класичен и современ, комуникативен и ефектен. Писателот грижливо го разработува и го нијансира јазикот така што тој е духовит, тажен, контемплативен и афористичен, со што учествува во индивидуализацијата на ликовите, а често се воздигнува до иронична нота на раскажување на некој кој е присутен во секој од ликовите. Ова дело зрачи со повеќе значења кои се спротивставуваат на рационализираната структура, нудејќи се во поинакво светло при секое ново читање, што сведочи дека се работи за автентично и несекојдневно книжевно дело.[8]

  1. 1,0 1,1 Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981.
  2. Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 13-65.
  3. Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 65-125.
  4. Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 125-168.
  5. Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 168-242.
  6. Tanja Kragujević, „Dorotej ili: O smislu tragalaštva“, во: Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 5-8.
  7. Tanja Kragujević, „Dorotej ili: O smislu tragalaštva“, во: Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 8-10.
  8. Tanja Kragujević, „Dorotej ili: O smislu tragalaštva“, во: Dobrilo Nenadić, Dorotej (četvrto izdanje). Narodna knjiga, Beograd, 1981, стр. 10-11.