Ибе Паликуќа
Ибе Паликуќа | ||
Родена | 1927 Дебар, Кралство СХС (денес Македонија) | |
---|---|---|
Починала | 22 септември 1944 Шутово, Кичевско |
Ибе Паликуќа (албански: Ibe Palikuqi; Дебар, 1927 - Шутово, 22 септември 1944) — учесничка во НОВ во Македонија и народен херој. За народен херој на Југославија е прогласена на 8 октомври 1953 година.[1] Таа е една од седумте партизанки од Македонија, кои се прогласени за народни херои на Југославија и една од најмладите народни херои во поранешна Југославија.
Животопис
[уреди | уреди извор]Рани години
[уреди | уреди извор]Родена е во Дебар во 1927 година, во семејство од средната класа. Татко ѝ бил оџа. По завршувањето на основното училиште, останува дома, како повеќето албански девојки на нејзина возраст. Нејзините ја подготвуваат да биде домаќинка.
Во НОБ
[уреди | уреди извор]Војната и италијанската окупација ја затекуваат во Дебар. Нејзиното семејство е антифашистички настроено. Брат ѝ Ештреф бил активен во народноослободителното движење. Таа како пионер ја добива првата задача како курир да носи писма и да пренесува илегалци. Сè повеќе се ангажира, чита и растура летоци. На петнаесет години, во 1942 година ја примаат во СКОЈ. Лесно се движи низ градот затоа што окупаторот не се сомнева дека е комунист затоа што татко ѝ е оџа. Во нивната куќа се одржуваат состаноци и свраќаат илегалци. Активноста на Ибе во партиската организација во Дебар високо се цени, па во јуни 1943 година ја примаат во КПЈ. Оттогаш нејзината активност е сè поголема. Таа е огнен агитатор не само во Дебар туку и во околните села. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, во Дебар се организира народна власт, а Ибе деноноќно е во акција. Кога партизаните се повлекуваат од Дебар, Ибе заминува заедно со нив и стапува во единиците на НОВ и ПОМ. Меѓутоа, Партијата ја враќа во Дебар, во илегала, во својство на член на Месниот комитет на КПЈ за Дебар. Нејзината политичка работа се одвива меѓу женската младина.
Непријателот се обидува да ја оневозможи и за да не падне во рацете на непријателот или да биде убиена, Месниот комитет го одобрува нејзиното стапување во партизани. Ибе се истакнува како партизанка и на 6 август 1944 година станува заменик-комесар на чета во Четвртата албанска бригада на НОВ. Од формирањето, бригадата е во постојана борба со балистите. Балистите се потпомагани од Германците, кои ги снабдуваат со тешко вооружување. Во една таква борба на периферијата на Кичево на 20 септември 1944 година, при пробивот на партизаните таа е во последната група. Во борбата меѓу селата Премка и Шутово, Ибе е тешко ранета и по два дена, им подлегнува на повредите во селото Шутово, Кичевско.
Во нејзина чест, основното училиште во селото Бојане, Скопско, го носи нејзиното име. Исто така и една улица во населбата Хром, Општина Ѓорче Петров, Скопје.
Литература
[уреди | уреди извор]- Љутви Руси, „Ибе Паликуќа“, Скопје, 1976 (на албански)
- „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 301-305
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1111 стр.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Ибе Паликуќа“ на Ризницата ? |
- Антоанела Димитриевска, „Ибе Паликуќа – најмладиот народен херој“, „Штит“, Број 132, октомври 2020, 49 стр.